Само во вторникот, полицајците од Северна Македонија, вратија во нашата земја 300 лица кои нелегално ја поминаа граничната линија, пишува солунскиот информативен портал „Тестудеј“ и коментира дека повторно се зголемуваат бегалските и мигрантските бранови на грчко- македонската граница кај Идомени, јави дописничката на МИА од Атина.
Во текстот преземен и од повеќе други грчки онлајн медиуми, порталот пишува дека е вообичаена тактиката на „push back“, односно на враќање назад на мигрантите од македонска страна.
Паралелно, новинарот додава дека Идомени неколку дена е без патролни полициски возила, бидејќи трите возила што биле на располагање, сега се вклучени во контрола на мерките за Ковид-19.
-Повторно имаме проблем, особено сега кога нема патролни возила. Со возови и пешки доаѓаат во Идомени и скриени во нивите чекаат шанса да ја поминат оградата, вели претседателката на локалната заедница на Идомени за „Тестудеј“.