Партијата БЕСА денеска одржа два паралелни состаноци на Централниот одбор, од кои еден во Скопје, а вториот во Тетово. Скопското крило на денешниот состанок донесе одлука да го разреши Билал Касами од лидерската функција, додека тетовското крило одлучи токму Касами да ја предводи партијата до Првиот конгрес закажан за 24-ти февруари.
На состанокот во Скопје присуствувале Африм Гаши, Зеќирија Ибрахими и Орхан Муртезани.
„Денеска Централниот одбор на Двиежењето БЕСА, едногласно одлучи за разрешување на Билал Касами од функцијата претседател на Движењето БЕСА. Се разбира, за ова ќе бидат известени и правните органи и останатите институции. Денеска, исто така е решено да се усвои и Деловник за организирање на Конгресот на БЕСА. За раководител на Комисијата за организирање на Конгресот е именуван пратеникот Неџбедин Карамани, истовремено и најстар член на Централниот одбор. Освен тоа, Централниот одбор реши Неџбедин Карамани, да биде и претставник на БЕСА и вршител на должноста претседател се до Конгресот “ – изјави Орхан Муртезани.
Неизвесно е сега кој е легитимен лидер на партијата. Синоќа од функцијата потпретседател оставка поднесе Зеќирја Ибрахими.