Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека извршило кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 8 февруари, маскиран влегол во подружница на спортска обложувалница на улицата „Охридска“ во Битола и со нож се заканил на вработената, барајќи и да му ги даде парите.
Вработената исплашена се повлекла, по што осомничениот влегол во внатрешноста на пултот за наплата, од фиоката одзел 65.000 денари и избегал.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
Судот го прифати предлогот и му определи притвор во траење од 30 дена.