Граѓанската асоцијација „Разбистри сè“ реагира на дел од коментарите на претседателката на ДОМ Маја Морачанин во врска со разрешувањето на довчерашната директорка на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска. Како што истакнуваат од Алијансата, Морачанин ги злоупотребува наводите на Алијансата за работата на ДИЖС.
„Во изминатиот период соработката со ДИЖС и со в.д. директорката Ана Петровска се одвиваше секојдневно и беше на високо ниво. Оттука, повикуваме да не бидат злоупотребувани наодите од нашата работа во насока на оправдување на разрешувањето на в.д. директорката, со што се подрива довербата на граѓанските организации во институциите. Истовремено, изразуваме жалење за одлуката на Владата да ја разреши директорката Ана Петровска“, се наведува во реакцијата на „Разбистри се“.
Инаку, Петровска беше именувана на оваа позиција како кадар на ДОМ, но Владата ја разреши по конфликтот со партиската претседателка Морачанин, која, меѓу другото, се повика на наводи од „Разбистри се“ во насока на поткрепа на нејзините тврдења дека Инспекторатот на чело со Петровска бил неефикасен, особено кон големите загадувачи.