Со апсење на девет лица, шпанската полиција изврши нов напад на „Балканскиот картел“ во Галиција, кој организираше шверц на кокаин во контејнери преку пристаништето Виго.
Како што објави порталот „infolibre.es“, уапсени се девет лица, кои пристигнале да го земат кокаинот кој бил испорачан на брод од Еквадор.
– Судејќи по апсењето на девет членови на групата, Срби и Албанци, најверојатно се работи за „балкански картел“. Некои од осомничените се уапсени околу трговскиот центар и станицата, каде вчера имало повеќе полицајци од вообичаено – наведуваат и додаваат дека оваа група е поврзана со последната заплена на 1,2 тони кокаин во пристаништето Гвајакил во Еквадор, на крајот на декември.
– Кокаинот потоа бил скриен во лименки со туна и бил наменет и за пристаништето Виго – наведуваат тие.
Шпанската полиција, како што додаваат, се уште официјално не ја објавила големата операција, но потврдила дека се работи за строго доверлива операција и се уште е во тек.
– Оваа акција може да се смета за историска. Службата за царински надзор на Даночната управа и Националната полиција го постигнаа она што досега се чинеше невозможно: разбиле голем дел од криминалната организација со балканско потекло која била посветена на „спасување“ на големи пратки кокаин на пристаништето во Виго и , можеби, и во други пристаништа. Неодамнешните случувања покажуваат дека овие организации имаат капацитет да се движат низ Европа собирајќи пратки со дрога. Запленетата пратка, тешка повеќе од еден тон, би можела да се поврзе со 1.257 килограми запленети пред една недела во местото на потекло (Еквадор) со истата дестинација: пристаништето Виго – пишуваат шпанските медиуми.