Обвинението за случајот „Поштенска банка“, кој го отвори СЈО, е одобрено во целост од Кривичниот суд, што значи дека обвинетите наскоро ќе седнат на обвинителна клупа. Информацијата за „Фокус“ ја потврдија од Кривичниот суд, а во овој случај обвинети се деветмина, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитров, бизнисменот Томе Главчев, како и Коле Смилевски, Викица Поповски, Гкеоргки Каратолис, Зоранчо Митревски, Влатко Димитровски, Зоран Шуклев и Венци Шуклев.
-Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ги следат јавните расправи во Основниот кривичен суд Скопје, ја информираме јавноста дека Обвинителниот акт со КОК – ооа 60/20 поврзан со „Поштенска банка“ против 9 лица обвинети за кривичните дела Злoупотреба на службена положба и овластување, како и Перење пари и други приноси од казниво дело, по одржана седница на советот за оценка, донесено е решение со кое обвинението се одобрува во целост, велат од Кривичниот суд.
Обвинетите се осомничени за криминал од 9 милиони евра, а истрагата ја водеше обвинителот Бурим Рустеми.
Во наредните денови ќе биде познато и кој судија ќе го води судењето, и кога ќе се оддржи првото рочиште.
-По одобрениот обвинителен акт, формиран е кривично – правен предмет со КОК бр. 124/21 за кој откако согласно АКМИС – системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија, ќе биде насроечна главната расправа за што странките ќе бидат дополнително информирани, информираат од судот.
Кога СЈО уште во 2018 година го презентираше овој случај, соопшти дека станува збор за финансиска истрага која опфаќа повеќе поврзани настани со кои се сторило кривичното дело перење пари и во периодот од 2001 до 2010 година била прибавена имотна корист од околу 5 милиони евра. Меѓутоа, по проширувањето на истрагата во 2019 година, неофицијалните проценки се дека се испрани 9 милиони евра.
Овој предмет беше дел од доказната постапка за случајот “Рекет”, бидејќи како за “Империја”, така и за “Поштенска банка” обвинителка Катица Јанева барала од надлежните обвинители да ги затворат случаите со спогодба, односно осомничените да платат штета и да избегнат затворски казни.
Валентина Вурмо