-МРТВ ја остварува својата улога на државен сервис, а уредувачкиот тим може да прифати критика само од најрелевантното тело, а тоа е Европската радиодифузна унија, рече главниот и одговорен уредник на МРТВ, Диме Ратајковски на денешната дебата „Каков јавен сервис и е потребен на Република Македонија“.
Ратјковски одговори дека доколку Јавното обвинителство побара да се прекине информативната програма на МРТВ, исто како што побара да не се емитуваат снимките кои ги објавува СДСМ, тие би го прифатиле и тоа и би ја прекинале програмата.
Наместо терминот „јавен сервис“, го користеше терминот „државен сервис“, бидејќи Македонската телевизија била финансирана од државата и тие немало да отстапат од бранењето на нејзините интереси.
Долгогодишниот новинар во јавниот сервис, Атанас Костовски рече дека е крајно разочаран од тоа како известува Македонската телевизија и дека наместо да информира, таа дезинформира.
– Пренесете ја само вистината во информацијата. Информацијата, а не дезинформацијата како што го правите тоа. Отворете ги емисиите за другото мислење, бидете онаму каде што е народот и ќе бидете на вистинскиот пат, им порача Костовски на првите луѓе на телевизијата.
Претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани рече дека односот на власта кон МРТВ е однос кон слободата на медиумите, а евидентно е дека Владата не сака независен сервис и сака да обезбеди контрола врз сите медиуми за, како што рече тој, да ја прикрие својата политика.