Растурикуќи

by Фокус

Време е (и редно е) од толку многу министри и вработени во Владата на РС Македонија, да се определи барем еден човек или сектор што ќе биде задолжен да направи евиденција во какви и во кои сѐ проекти се вложуваат парите на граѓаните, колку е договорената и крајната цена на нивното чинење, динамиката на нивната реализација итн.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Воопшто не е трагично што луѓето од власта, вклучувајќи ги тука и ,,лидерите“ (било да се работи за оние од минатата и овие од актуелната власт) немаат слух и не им придаваат значење на мислењата и ставовите на граѓаните, интелектуалците, стопанските субјекти итн., односно на сите оние кои на овој или на оној начин го искажуваат и влијаат врз формирањето на јавното мислење.

За интересите на граѓаните и државата е поразително кога „луѓето од власта“ не им посветуваат никакво внимание на мислењата, ставовите, оценките и препораките на поединци од институциите на системот, кои со закон се задолжени професионално и одговорно да го прават тоа.

Станува збор за редовните годишни извештаи на државните ревизори, кои редовно, речиси секоја година, укажуваат на неодговорното и расипничко трошење на парите од буџетот, кои преку даноци и други облици на давачки се собираат од граѓаните и стопанските субјекти.

НЕОДГОВОРНОСТ, КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА

Тоа дека „државата“ Република (Северна) Македонија функционира како крајно расштимана институција, во која никој за ништо не води грижа и не чувствува одговорност, одамна е јасно! Но, дека така неодговорно се трошат огромни суми на пари, изгледа дека сѐ уште не им е јасно на сите претходни, како и на актуелниот претседател на владата, Христијан Мицкоски.

Време е (и редно е) од толку многу министри и вработени во Владата на РС Македонија, да се определи барем еден човек или сектор што ќе биде задолжен да направи евиденција во какви и во кои сѐ проекти се вложуваат парите на граѓаните, колку е договорената и крајната цена на нивното чинење, динамиката на нивната реализација итн.

Факт е дека во државата не постои единствена база на проекти од која можат да се согледаат вкупниот број и вкупниот износ на пари што државата ги вложила и треба да ги вложи во нивната реализација.

Со други зборови, „државата“ нема поим каде, колку и зошто ги троши парите на граѓаните. А станува збор за многу пари. Само бегол поглед врз неколку проекти, како што се

1) пругата кон Бугарија;

2) автопатиштата;

3) проектот за изградба на пречистителна станица на отпадните води на Град Скопје;

4) клиничките центри итн., укажува дека станува збор за милијарди евра, кои актуелните граѓани, но и идните граѓани на оваа држава ќе треба да ги враќаат со камати.

Не знам дали некој од „лидерите“, така неодговорно би ги трошел парите на своето семејство на таков начин и со таков степен на неодговорност како што тоа се прави со парите наменети за јавните инвестиции!?

КРИВИЧНА, А НЕ САМО ПОЛИТИЧКА ОДГОВОРНОСТ

За жал, парите на граѓаните слеани во буџетот, како и парите што доаѓаат од кредити се доживуваат како нешто туѓо, кое служи само за подмирување на коруптивните барања на ,,избраните и именуваните лица“, а не за задоволување на општите и заедничките потреби на граѓаните, државата и заедницата во целина.

Очигледно е дека никому од власта, било да е таа актуелна или мината, не му одговара прашањето за одговорноста за недомаќинското и расипничко трошење на парите на граѓаните (на заедничките пари) за да се постави во законска форма и во крајно изострен облик. „Лидерите“ и политичарите доаѓаат и си одат од власта, но материјалните и финансиските штети што ги оставаат се трајни и редовно паѓаат на товар на граѓаните.

За потсетување е дека во следните години, секоја година, „државата“ (читај граѓаните) ќе треба да плаќаат меѓу 600 и 700 милиони евра камата за позајмените пари. Замислете што би можело да се направи со тие пари ако не биле така недомаќински потрошени од „нашите“ политички избраници растурикуќи.

Поврзани новости