Најновото музичко парче во изведба на Бојана Скендеровски, насловено „Дома“ од вчера е прикачено на музичкиот канал Јутјуб, и како што вели пејачката, станува збор за родољубива нумера која е прва песна од нејзиниот најнов проект и е круна на нејзината 23-годишна кариера.
– Темата всушност е првата композиција од проектот што Бојана го работи со Николче Мицевски, а кој е во фаза на реализација и кој јавноста ќе има можност да го слуша премиерно во периодот кој е пред нас. Интересно е дека токму за „Дома“, Бојана во соработка со Таско се јавува и како автор на текстот, додека музиката и аранжманот се со потписот на маестро Николче Мицевски, велат од ПР тимот на Бојана.
Таа пак, додава дека чувствата кои ги имала за Македонија, ги преточила во песна.
– Сакав да понудам поинаква музика, музика со емоции, душа и затоа едвај чекам да слушнам што мисли мојата публика, моите фанови. Она што во моментов можам да го кажам е дека заедно со Николче и Таско направивме едно искрено парче музика, направивме една убава, родољубива современа песна и сите чувства кои ги имавме за оваа прекрасна земја ги преточивме во музичко парче на кое сум горда. Се надевам дека ќе и се допадне на публиката, вели Скендеровски.
Како што појаснува, „Дома“ е првата песна од новиот материјал, што заедно со песните кои ѝ ја одбележаа 23-годишната кариера ќе бидат дел од солистичкиот концерт закажан за 13-ти декември.
Зад видеото за „Дома“ стои Скендеровски продукција, а директор на фотографијата е Бојан Стоилковски.
Во меѓувреме, истакнуваат од тимот на Скендеровски, Бојана освен на новиот материјал, неуморно работела и на продолжението, односно вториот дел од проектот „Македонијо во срце те носиме“.
– Периодов сум на растргната меѓу мојот солистички проект и работата на продолжението на „Македонијо во срце те носиме“, но сѐ се тоа слатки маки. Едвај чекам да слушнете и видите што е сработено и, секако, се гледаме на концертите низ Македонија, порача Бојана.
Вики Клинчарова