Роден во Австралија, живее со семејството во Ресен, Благојче Стојановски – Туше е фолк пејач кој целиот живот професионално се занимава со музика, а познат е во земјава како еден од најимотните пејачи кај нас. Со години наназад се провлекуваат медиумски текстови во кои се спомнуваат негови три стана во Сиднеј, Австралија, стан во Охрид, куќа во Ресен, луксузниот автомобил кој го вози…
Неретки се и коментарите дали и како, човек кој живее само од музика го заработил имотот кој го има, кога негови колеги секојдневно се жалат на слаба заработка и на криза на естрадата.
Приказните за наследство и дополнителен бизнис на Туше не се ништо ново во естрадните кругови, а за ,,Фокус” пејачот раскажува дека веќе со години наназад ги слуша истите раскази и повеќе не им посветува внимание.
-Не се ништо ново тие приказни за мојата имотна состојба, и од време на време се актуелизираат во јавност.
Што, како, од каде… па би појаснил дека јас заработувам и живеам само од музика, и да, во Македонија може да се заработува и живее само од музика, ако тоа го правиш професионално. Впрочем, не сум јас единствениот кој го прави тоа – вели Туше.
Околу гласините дека добил наследство, појаснува дека се невистинити. Додава дека тој е доказ дека може да се успее и без финансиска помош од родители, што било случај со него.
-Кога ги имав моите музички почетоци, пред долги години, јас не ни смеев да побарам од дома пари за таква работа, за музика и пеење, односно за снимање, бидејќи така бев научен уште од мал. Растев со реченицата ,,Пари немаме”, и можеби тоа беше причината што сам се изборив во животот со сите препреки.
Ништо во животот не добив на тањир, освен оброкот кој ме чекаше дома – раскажува музичарот.
Додава дека во минатото го погодувале лошите коментари и невистинити гласини, но го надминал тој период и сега поинаку гледал на нештата. Вели дека знае какви откажувања имал во животот и се што има го заработил со труд и напорна работа, па затоа повеќе не го допирале зајадливите коментари.
-Не се заморувам повеќе и не ги ни читам објавите, бидејќи порано лошите коментари знаеле да ме погодат, но и тоа го преживеав. Сега воопшто не се оптеретувам со коментарите.
Се е заработено со пот и неспиење за викенди, и со многу работа. Се случуваше, и уште се случува да имам спиење само од по 2-3 часа на ден во кола, од свирка до свирка – раскажува.
Туше е присутен на сцената околу три децении и зад себе има 17 албуми со нови фолк песни, како и десеттина албуми со музика во живо. Песна која на некој начин ја обележа неговата музичка кариера е хитот ,,Прашај ги свирачите”.
Има редовни настапи во земјава, но е и чест гостин кај нашинците во Австралија.
Вики Клинчарова