Расте желбата за фризери и шминкери: Работиме евтино, а во Србија шминкање е 50 евра!

by Fokus

Низ годините на нашето постоење, во светот појавени се многу професии во кои голем процент од луѓето се пронашле и ги работат.

Имал дел професии кои ја изгубиле својата смисла и жар, додека пак некои доживеале вистински процут и нов живот. Фризер и козметичар се професиите кои можеби се најбарани години наназад, а популарни се и во Македонија.

За тоа се показател и бројките на запишани средношколци во училиштето „Димитар Влахов“ во Скопје, каде се застапени и „фризер“ и „техничар за за козметичка нега и убавина“ како струки за изучување за помладите генерации.

Во учебна 2017-2018 се запишале вкупно 450 ученика

Во учебна 2018-2019 се запишале вкупно 450 ученика

Во учебна 2019-2020 се запишале вкупно 472 ученика 

Во учебна 2020-2021 се запишале вкупно 496 ученика 

Во учебна 2021-2022 се запишале вкупно 540 ученика.

Кога ќе ја погледнеме оваа статистика, од 2019 година па се до оваа учебна година, забележан е константен пораст на бројот на запишани средношколци кои во иднина би се занимавале со вакви професии.

В.д. директорката на гимназијата, Лидија Андоновска за „Фокус“ вели дека зголемениот интерес се должи на праксата која е почесто застапена во ова училиште.

Тоа се должи на активностите што се преземаат од страна на државата како што беше кампањата „Учи паметно, одбери стручно“, со која се тргна од потребите на пазарот на трудот односно, работодавачите ги отворија вратите на стручните училишта. Исто така формирањето на дуални паралелки овозможи повеќе пракса и тоа пракса кај работодавач.

 

Со реформите во тригодишно и техничко-четиригодишно стручно образование се понудија нови планови и програми. Се креираа модуларни програми кои се базираат на резултати на учење и со кои се добиваат компетенции потребни на пазарот на трудот. Во училиштето постои позитивна училишна клима на почитување на личноста и на различностите, тоа е училиште со безбедна средина , во кое има место за секој ученик“, истакна Андоновска.

Таа додава дека за успехот на нејзиното училиште голема улога играат и работодавачите, кои не се штедат за нивните средношколци.

Работодавачите имаат позитивно мислење за учениците кои излегуваат од нашето училиште. Нашите ученици се и нивни ученици. Тоа се должи на соработката на раководниот и наставниот кадар со работодавачите. Училиштето има склучено меморандуми за соработка со поголем број работодавачи кои се однесуваат на можноста за реализација на практичната настава и феријална практика во реални услови.

 

Работодавачите заедно со наставниците учествуваат во оспособување на учениците за потребите на пазарот на трудот. Работодавачите имаат можност да учествуваат во наставниот процес и во  завршниот испит како испит на зрелоста“, порача Андоновска.

Постои момент во животот кога луѓето сакаат да направат важна промена во животот, а за тоа се и приватните академии, кои овозможуваат дополнителни обуки.

Васка Леонтиќ е основач на приватната академија „Леонтиќ“ и ни појасни со какви вештини се стекнуваат кандидатите запишани во ова училиште. Како што истакна таа, обуките за Стручно оспособување се организираат еднаш годишно и програмата трае два семестри, кратката е од 10 месеци, додека долгата од 12 месеци.

Овие  модуларни обуки се подготвени за секоја учебна сезона со различен избор на модуларни пакети и со различни избрани тематски целини според потребите на пазарот на труд и според трендот и технологијата која се применува,а вооедно изучување на основите во дејноста.

Од периодот од 2017 година, од Северна Македонија обуката ја имаат завршено 30 кандидати, додека преку „Ерасмус +“ програмата, на мобилност биле од три држави кои се долгогодишни партнери на Обучниот Центар Академија Леонтиќ од Скопје, а тоа се Латвија, Литванија и Шведска и тоа 60 наставници и 70 ученици за период од 2016/2019година“, вели Леонтиќ.

Како што додава таа, луѓето запишани на оваа академија, се во можност да научат многу практични работи, а праксата во салоните за убавина ја потенцираше како еден од најважните моменти.

Техниките на обука се различни и не се генрализирани, бидејќи на обуката се вклучени повеќе националности, традиција и култура на живеење. Вработените кои работат активно со клиенти и се на салонската пракса кај работодавци, тие редовно ги вклучуваат и ги воведуваат кандидатите на салонска пракса според предвидената програма и протокол на работа за салонска пракса“, анализира нашата соговорничка.

Интерес за овие професии не пројавуваат само помладите лица, туку и повозрасните луѓе, кои тркалото на животот ги натерало да менуваат животна професија.

За кандидатите кои сакаат да изучуваат одредени модуларни програми од делот за лични услуги за „Фризер, козметичар, масер и шминкер“, претежно се лица над 35-годишна возраст, кои останале технолошки вишок, без работа или фирмата пропаѓа и нема што друго да работат на таа возраст.

 

Така, најлесно и најбрзо е доквалификација од областа на овие дејности и овие лица остануваат или да работат кај некој работодавец во својот роден град или отвараат сопствен бизнис и ги користат бенифициите кои ги нуди државата за олеснување на занаетчиите при отварање на сопствен бизнис“, вели Леонтиќ.

Интересот за овие профили е дефинитивно во подем и радува фактот дека луѓето се обидуваат да пробаат нешто поразлично во животот.

Со ваквата констатација се согласува Марија Лазарова која е сопственик на салон за убавина во Скопје која се надева дека побарувачката за оваа работа ќе продолжи и во иднина.

Се’ повеќе корисници на фризери и професионална шминка може да се забележат во секој дел од земјава, како и нови сопственици или мајстори кои работат кај некој друг или на диво. Постојат салони и мајстори од различен калибар, и во однос на квалитетот на работата можам во името на сите колеги да кажам дека во главно може да се пофалиме.

 

Во однос на поставување на редовни корисници, солидна (издржана) цена, стандарди и успех, заостануваме дури и позади нашите соседи. Македонија има маана, а тоа е нелојалната конкуренција, малиот пазар и примораноста да се работи за многу евтини цени во однос на влогот во работата“, изјави Лазарова.

Изучувањето на оваа професија не е воопшто лесно, а Лазарова појасни со кои тешкотии се соочуваат шминкерите во земјава.

Ова е работа која се покажува на дело и зависи од трудот и креативноста на работникот. Јас сум самоук артист кој се надогради со курс и неколку семинари, работам веќе девет години, во ниту еден момент не ми беше гарантиран успех (се уште не ми е) но во ниту еден момент не почувствував потреба да се откажам. Тешкотијата во оваа работа се состои во ризикот од немање работа и времето кое мора да се потроши во создавање на вештината. Во однос на потенцијалот, сметам дека е потребен основен талент или чувство за естетика и општа креативност“, смета таа.

Како и кај сите професии, така и тука, често се врти прашањето – дали е исплатливо да се биде шминкер, фризер или масер?

Лазарова смета дека целиот труд ќе ти се исплати доколку артистот се цени себеси, вложи во себе и постави свој стил кој ќе биде негов личен белег.

Платата на шминкерот, според мене, не може да се измери бидејќи во главно е сезонска работа. Работата на процент не е многу распространет модел во земјава па затоа и не постојат центри каде шминкери се вработуваат. Најчесто работиме сами и правиме договори за проекти (продукции, тезги, фотосесии).

 

Цената навистина е поделена, стандардот не постои и мислам дека дури од минатата година почнавме да контактираме меѓу себе колегите да пратиме кој каков влог прави и каков стил работи, па да одржиме некоја цена која е достојна на трошоците и времето и терминот професионална шминка, од 1500 денари услуга па нагоре, додека само во Србија е 50 евра минимум, а работиме со истите брендови чии цени овде не се помали. Работата е исплатлива само доколку артистот се цени себе како артист, вложи во себе и алатот и постави свој стил и печат кој има вредност“, го заврши разговорот Лазарова.

Фото – Димитар Влахов, Академија „Леонтиќ“, приватни фотографии на Марија Лазарова

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости