Расте револтот од „бомбите“ – родители секој ден трчаат од работа да ги земат децата, а МОН ќе ги решава со онлајн настава

by fokus

Лажни дојави за „бомби“ неколку дена по ред, дури и во истите училишта. Родителите само што ги однеле децата во училиште треба да ја остават работата и трчаат да ги земат децата кои на улица ги чекаат со наставничките.

Инцидентните дојави веќе станаа редовна појава па вакви мејлови се испраќаат до десетици училишта секој ден, се евакуираат учениците, губат настава, а се евакуираат и дел од родителите чии деца нема кој да ги згрижи.

Министерството за образование за да го реши проблемот со губењето на наставата одлучи да се организира онлајн настава во деновите кога во училиштата има дојави за поставени бомби.

За ова се информирани општините и сите училишта.

Според насоките дадени од МОН на учениците им се дава еден час да стигнат дома и да се вклучат на настава. Родителите реагираат дека во овој еден час е неизводливо да ги земат децата и да ги вклучат онлајн особено оние чии деца учат во подалечни училишта или за средношколците кои треба да стигнат дома со јавен превоз кој е редок.

Вчера и родителите добија порака во која се бара од нив да ги проверат профилите на своите деца на тимс платформата на која онлајн настава се следеше и за време на пандемијата од корона вирусот.

Во дописот кој МОН го испратил до основните и до средните училишта биле посочени и начини за користење на електронските адреси и насоки за зајакнување на контролата за влез и излез во училиштата.

-Два дена по ред, едвај изводливи маневри за да си земеш деца од школо, комбинации еден куп со други родители, застој со работа, вознемирени ( веќе среќни што губат наставаа) деца, вознемирени родители, вознемирени наставници кои што се одговорни за 30 деца и не знаат ни они главата кај им е…. Банана држава беше или ни го сменија името, не се сеќавам? Вадете таблетите, онлајн настава напаѓа. И сите мирни по дома да не ве слушаат наставничките на тимс, пишува родител на две деца.

Во ОУ Гоце Делчев во Центар каде ми учат децата има своеволна инициајтива замаскирана со анкета со која се бара да се согласиме поради бомбиве од понеделник да се учи онлајн. Не сум согласен да образованието на моето дете страда бидејки сте неспособни шест месеци да откриете кој си игра со Вас и нас!!!!, реагира друг родител.

Само во последните два дена пристигнаа над 100 дојави за поставени експлозивни направи. Надлежните не можат да откријат кој ги испраќа ваквите дојави и си игра со децата, родителите и цел систем. Ова го припишуваат на војната што се води во Украина и практично претставува нов начин на војување, што досега не виден на европскиот континент.

Премиерот, Димитар Ковачевски вчера од Собрание упати апел граѓаните да бидат мирни, посочувајќи дека МВР и сите безбедносни служби ги извршуваат своите функции согласно закон и капацитетите кои што ги имаат.

– МВР по секоја лажна пријава за бомба, постапува согласно законот и постапките за антитероризам. Се води секогаш истрага за пријавата на лажни бомби. Таа истрага покажува првични интересни податоци кои не можам да ги коментирам оти се дел од истрага и коишто не може со точност да се знае со каков финален ефект ќе завршат. И при промената на е-маил адресите кај училиштата, бидејќи се ставени на еден сервер, којшто е заштитениот сервер на МОН, како тие веднаш адресите на училиштата се нашле кај тие што пријавуваат бомби, рече Ковачевски.

Според податоците коишто ги добивме од МВР, досега Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесол кривични три кривични пријави.

Дојавите од оние кои се фатени се од малолетници и еден возрасен човек.

На 5 декември поднесена е кривична пријаца против малолетник за „тероризам“. Тој во службен разговор го признал делото и го појаснил начинот на сторување.

На 23 декември поднесена е кривична пријава против 15-годишник од Квадарци,а на 28 декември против 63-годишен тетовец кој од мобилен телефон се јавил во делчевската полиција, лажно се претставил и пријавил дека на повеќе локации во градот има поставено бомби.

Освен овие кривични пријави поднесено е и едно известување до прилепското обвинителство против малолетници кои телефонски пријавиле дека во училиште во село Житоше има поставено бомба.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски деновиве изјави дека многу скоро се очекува расчистување и на уште неколку случаи со лажни дојави на бомби.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости