Расте притисокот во стопанството, останува ли денарот стабилен?

Стабилниот девизен курс на денарот е сидрото кое успешно ја одржа макроекономската стабилност, што е потврдено и од меѓународните институции, велат од Народната банка за „Фокус“

by Fokus

Воениот конфликт на Украина и на Русија и економските последици од сето тоа дојдоа во време кога фирмите започнаа да закрепнуваат од шокот што го предизвика ковид-19.

Новите ризици и зголемената неизвесност ги ставаат под притисок прекуграничните текови и трговијата. И во извештајот „Бизнис-отпорноста на Западен Балкан за време на повторени шокови“, презентиран од Европската инвестициска банка (ЕИБ), анализира како фирмите во регионот го издржаа остриот пад предизвикан од пандемијата и колку се подготвени да се соочат со идните предизвици, како раст на цените на производите, на енергентите, зголемена инфлација, слаба куповна моќ.

Извештајот покажува дека фирмите што биле интегрирани во глобалните синџири на вредности, оние што биле поиновативни во минатото, оние што биле повеќе дигитализирани и оние со подобар квалитет на управување подобро се адаптирале за време на пандемијата. Тие го прошириле своето онлајн присуство, се префрлиле на работа на далечина, го приспособиле производството или поефективно ја искористиле достапната поддршка од владите.

Да не се менува даночната политика

Имајќи го предвид сето ова, како и важната улога на даночната политика, Стопанската комора укажува на потребата во наредниот период од две-три години да не се менува даночната политика, да не се зголемуваат даночните стапки и да не се менува начинот на оданочување, но исто така имаат забелешки и за фиксниот курс на денарот кој подолг период го одржува Народната банка стабилен.

Во однос на дополнителното зголемување на основната каматна стапка, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески рече дека Комората има конзистентен став по ова прашање односно дека треба да се води сметка за курсот на денарот, но истовремено и за состојбите во реалниот сектор.

– Ние имаме чувство дека во изминатиот период централната банка ја протежираше само едната обврска – за зачувување на курсот не водејќи сметка за состојбите во реалниот сектор. Така можеме да се доведеме во ситуација – операцијата да биде успешна, но пациентот мртов. Значи ние инсистираме и можеме да помогнеме и да пренесеме какви се состојбите во реалниот сектор, рече Азески.

Досега до Комората, како што посочи, нема информации дека компаниите имаат проблем со пристапот до кредити.

– Ликвидноста на банките, како што оцени Азески, е на задоволително ниво и тие сеуште можат да ги пратат сите инвестициски активности на компаниите.

 

Што значи стабилноста на денарот?

Девизниот курс на домашната валута во однос на еврото не забележува пад, односно се одржува на стабилно ниво во изминатите 25 години.

-Со оглед на фактот дека стабилниот девизен курс на денарот е сидрото кое успешно ја одржа макроекономската стабилност сите овие години, што во континуитет се потенцира и потврдува од страна на меѓународните финансиски институции, велат од Народната банка за „Фокус“

Од тие причини, како што велат оттаму, кон ова прашање треба да се пристапува крајно сериозно, а јавноста треба да биде објективно информирана.

-Девизните резерви, кои се клучни за одржување на стабилноста на девизниот курс, се на високо и безбедно ниво, според соодветните меѓународни стандарди, а дополнително на тоа, се уште ги имаме на располагање средствата од репо линијата на ЕЦБ во износ од 400 милиони евра и кои може да се искористат за таа намена доколку биде потребно, велат од Народната банка.

Растот на инфлацијата во моментот е глобален феномен, и неспорно е дека истиот ќе биде адресиран на среден рок, имајќи го предвид фактот дека одредени фактори кои тековно ја движат инфлацијата се вон контрола на централните банки, со оглед на силниот притисок врз цените кој доаѓа од факторите на страната на понудата под влијание на војната во Украина и економските санкции кон Русија,  како две значајни економии на светските пазари на храна и енергија.

-Располагаме со солиден институционален капацитет и соодветен монетарен инструментариум, како и секоја современа централна банка, со кој постојано делуваме, со цел одржување на стабилноста на девизниот курс и ценовната стабилност на среден рок, додаваат оттаму.

Во вакви околности, дел од централните банки пристапија кон постепено зголемување на основните каматни стапки. За илустрација, Федералните резерви на САД започнаа во март оваа година, и заклучно си јуни ја покачија основната камата за вкупно 1,5 п.п.. Слично е и со Банката на Англија, која досега изврши нагорна корекција на референтната каматната стапка за вкупно 1 п.п.

Европската централна банка денеска ги зголеми каматните стапки за 0,5 п.п., како и дополнително зголемување во септември, а веројатно и понатаму. Инаку, заклучно со јуни оваа година, ЕЦБ престана со програмата за откуп на обврзници, со што исто така влијаеше врз намалување на ликвидноста. Слични чекори преземаат и централните банки на останатите развиени економии, како и на економиите во развој, вклучително и ние.

Соња Танеска

 

Поврзани новости