Расте меѓународната поддршка на формулата за мир на Украина, тврди Зеленски

by Fokus

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски кон претставниците на повеќе од 60 земји кои се состанаа вчера во Малта како знак на единство што може да доведе до крај на војната со Русија испрати порака на социјалната мрежа Х:

„Единството на сите оние во светот кои соработуваат со нас и со сите наши партнери за да се врати силата на меѓународното право и вистинската тежина на принципите и нормите на ОН секако ќе биде ефективно“.

На Малта вчера и денеска се одржуваат нови преговори за Украина, на кои не присуствува Русија.

Се очекува Киев да го искористи собирот за да изгради поддршка за својот мировен план од 10 точки, како што тоа го направи на претходните рунди, пренесе ДПА.

– Меѓународната поддршка за украинската формула за мир расте – напиша вчера на Х шефот на претседателскиот кабинет на Украина, Андриј Јермак.

Бројот на земји кои учествуваа во првиот круг разговори во Данска беше само 15. Оваа година присуствуваат претставници од 66 земји, вклучувајќи советници за национална безбедност и врвни дипломати, рече Зеленски.

Тој им се заблагодари што ја поддржаа неговата „формула за мир“ која првпат ја претстави пред една година, за ставање крај на руската инвазија. Тоа беше „силен знак на меѓународно единство“, рече тој во видео порака емитувана синоќа во Киев.

Планот на Зеленски не го вклучува само суштинското барање за повлекување на руските трупи од Украина, туку и ослободување на сите воени заробеници, трибунал против воените злосторници и безбедносни гаранции за земјата.

Поврзани новости