Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува. Досега 400.284 граѓани изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk . На вакциналните пунктови во државата вакцинирани се вкупно 220.733 граѓани.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера на својот фејсбук профил објави дека пристигнаа нови 10.530 дози од вакцината на производителот „Фајзер” од кои 5850 се преку директни преговори со производителот, а 4680 дози кои ЕУ ги обезбедува како помош преку трилатерални договори во рамките на програмата „Тим Јуроп“ (Team Europe).
Оваа програма за поддршка во снабдувањето вакцини за Западен Балкан, посочува министерот, ја координира Австрија.
-Количините на вакцини постојано се дополнуваат, апелирам сите граѓани да се пријават за вакцинција на www.vakcinacija.mk , напиша Филипче.
Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица и Охрид.
Бројот на новозаразени со вирусот Ковид-19 во државава континуирано опаѓа. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, регистрирани се седум нови случаи на Ковид-19 од направени 1.418 тестирања. Сите нови пациенти позитивни на коронавирусот се од Скопје. Регистрирани се 71 оздравени пациенти и 18 починати лица, од кои седум од Скопје.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.067, бројот на оздравени пациенти е 146.940, на починати е 5.329, а на активни случаи изнесува 2.798 од кои 1129 се во Скопје.
Се намалува и бројот на хоспитализирани со Ковид-19. На инфективните одделенија во Скопје и во болниците во другите градови се лекуваат 317 пациенти со Ковид-19, од кои 131 се во Скопје.