Во изминатава седмица не е забележано рапидно зголемување на позитивни од тестирани на Ковид-19. Според податоците од Институтот за јавни здравје, од регистрираните нови позитивни случаи од 32 града во државата, забележано е зголемување од 3,7 отсто во однос на претходната седмица. Најголем дел од новозаразените се од Скопје.
„Нема притисок и во болниците. На територијата на цела држава во ковид – центрите хоспитализирани се вкупно 423 пациенти со Ковид-19. Засега нема нови предлози и препораки од Комисијата за заразни болести за заштита од Ковид-19“, информираат од Министерството за здравство.
Податоците на МЗ покажуваат дека во период од 6 август до 4 ноември на територијата на државава како позитивни на Ковид-19 се потврдени 48.955 граѓани, од кои 28 отсто, односно 13.886 лица, биле целосно вакцинирани.
„Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 78 отсто, додека само 22 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема“, објаснуваат од Министерството.
И ро регионот се влошува епидемиолошката состојба со Ковид-19. Хрватска од денеска воведува нови мерки. Во последните две недели, пак, бројот на заразени со коронавирусот во Црна Гора е зголемен за 30 отсто во однос на 14 дена претходно, а во Грција веќе четврти ден по ред се регистрирани над 6.000 нови случаи.