Бројот на случаи на зараза со корона вирусот продолжува да расте низ цела Европа, додека светот се приближува до бројката од еден милион жртви од болеста Ковид-19.
Шпанија се бори со новиот бран на заразата и има повеќе од 700.000 заразени и над 31.000 смртни случаи.
Во Германија, Институтот Роберт Кох објави дека земјата денеска потврдила уште 1.192 случаи, малку помалку од вчера (1.411). Во Германија од почетокот на епидемијата се заразени вкупно 286.000 лица.
Германските власти во петокот ги ставија соседните Чешка и Луксембург на таканаречената црвена листа на дестинации.
Чешка денеска пријави 1.305 новозаразени со корона вирусот и 15 смртни случаи поврзани со Ковид-19, и се бори со една од највисоките стапки на зараза во светот.
Во земјата со 10,7 милиони жители има вкупно 64.597 заразени и 606 смртни случаи.
Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), Чешка во последните две недели е втора по Шпанија според бројот на заразени во однос на бројот на жители.
Италија беше првата европска земја погодена од пандемијата на корона вирусот, но денес, со помалку заразени е исклучок во Европа каде земјите секојдневно бележат рекорди во нови случаи.
Франција минатата недела регистрира рекордни 16.000, а Шпанија повеќе од 10.000 нови случаи за еден ден, додека дневниот број на новозаразени во Италија е под две илјади.
Светот, во меѓувреме, се доближува до милион смртни случаи. Според Универзитетот Џон Хопкинс, во моментов има 997.799 смртни случаи ширум светот, а најмногу во САД (речиси 205.000), Бразил (141.700) и Индија (над 95.000).
Индија денеска надмина шест милиони заразени. Само САД имаат повеќе, над седум милиони заразени.