Расте бројот на заболени во Јапонија и Кина

by Fokus

Токио бележи нов рекорд на новозаболени од ковид-19. Бројот на заразени во изминатите 24 часа, надмина 400 лица, што претставува рекорд за целиот период на епидемијата, изјави гувернерката Јурико Коике.

Таа посочи дека во изминатите 24 часа се регистрирани 463 нови случаи на заразени и за првпат зголемувањето во главниот град надминува 400 лица за 24 часа. Претходниот пик на нови случаи беше пријавен во четвртокот, кога бројот на новозаразените достигна 367 лица.

Јапонската Влада смета дека во моментов нема потреба од воведување вонредна состојба во земјата. Властите сметаат дека тоа што се случува не е втор бран на коронавирус кој се шири во земјата, но додаваат дека владината експертска комисија внимателно ќе ја следи ситуацијата.

Според најновите податоци, вкупниот број заразени лица во Јапонија од почетокот на епидемијата надминува 53 500, а бројот на починати изнесува 1 020.

Раст на нови случаи бележи и Кина.

Првпат од април оваа година во Кина се регистрирани повеќе од 100 новозаразени лица со коронавирус и тоа два дена по ред, соопшти Националната здравствена комисија.

Од вкупно 105 новозаразени случаи, 102 биле локално инфицирани, а Комисијата потврдила и 21 асимптоматски заразени, кои не се вбројуваат во евидентираните случаи.

 

Поврзани новости