Додека во соседството расте бројот на заразени со Ковид-19, кај нас ситуацијата е поинаква и бројот на позитивни случаи на Ковид бележи тренд на опаѓање, информира Злате Мехмедовиќ од Kомисијата за заразни болести.
Од друга страна, расте бројот на заболени со грип или заболувања слични на грип. Според податоците на Комисијата за заразни болести во последната недела од 2023 година, во земјава биле пријавени 403 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грип, односно за 96,6% повеќе во однос на претпоследната недела од годината. Според податоците најбрзо ширење на грипот има кај децата од 0 до 4 години. Мехмедовиќ објаснува дека најголемиот број од случаите е со заболувањата слични на грип, додека регистрирани случаи на грип имало само 5, што според него е бројка сосема нормална за овој период од годината.
-Иако зборуваме за тоа дека се работи за голем број заболени од грип, всушност се работи за голем број заболени кои што имаат симптоми на грип, меѓутоа причинителот не е вирусот на инфлуенца. Пикот се очекува да биде кон крајот на февруари и почетокот на март, зборуваме на оние кои точно ќе бидат дијагностицирани со грип.
Во меѓувреме во соседството се влошува епидемиолошката состојба. Албанскиот институт за јавно здравје соопшти дека се пријавуваат над 11.000 случаи на респираторни инфекции неделно, а расте и бројката на заразени со Ковид. Слична ситуација има и во Грција, каде учениците денеска се враќаат во училишните клупи, но со препораки од Националната организација за јавно здравје за редовно миење раце, редовно проветрување и оддржување растојание.