За само два дена 14 нови случаи со потврдена голема кашлица регистрира Центарот за јавно здравје – Скопје.
Најголем број заболени со пертусис се во општините Аеродром, Карпош и Кисела Вода. До сега во Скопје има вкупно 64 случаи на пертусис, објави тв Телма.
Расте и интересот за вакцинација по препораките на Комисијата за заразни болести вакциналните пунктови да работат во две смени вклучувајќи и сабота.
„Морам да кажам дека е разочарувачки што најголемиот мотив за вакцинација на децата е регулативата што ја бараат во градинка. Значи веќе не се мисли на вакцината како заштита од заразни болести кои биле потенцијално смртоносни во минатото и се уште гледаме последици од нив, туку најголем интерес е детето да оди во градинка дека нема кој да го чува, додека родителите се на работа. Тоа е разочарувачки дека и ние како лекари, како педијатри и како матични и како специјалисти на сите нивоа на заштита и примарно и секундарно и терцијерно, не се зборува доволно за бенефитот од вакцините и родителите се со сомнеж дали треба своето дете да го вакцинираат, дали вакцината ќе ги заштити децата од тие болести или условно како што некои антивакцинални кампањи пропагираат, дека е подобро некои од тие болести да се прележат во детството, што е апсолутно неточно и може да биде со страшни последици“, изјави спец. д-р Сања Цилевска – Младеновска од вакциналниот пункт поликлиника „Букурешт“.
Во моментов се соочуваме со епидемија на пертусис во Скопје, меѓутоа во соседните земји расте бројот на заразени со мали сипаници.
Во Белград е прогласена епидемија на морбили, каде денес се потврдени нови случаи на морбили.
Во меѓувреме и покрај препораката на Комисијата за заразни болести да не се примаат деца делумно вакцинирани или невакцинирани, градинките само ги ажурираат вакциналните картони на децата, но не ги враќаат невакцинираните.