Раст на бројот на позитивни во Словенија и Грција

by Фокус

Стапката на зараза со коронавирусот нагло се зголеми во Словенија, поттикната од новиот сој омикрон и божиќните собири.

Во изминатите 24 часа, пријавени се вкупно 1.829 нови случаи, што е зголемување за 57 отсто во однос на претходната недела и највисока дневна бројка од почетокот на декември.

Стапката на позитивност на ПЦР-тестовите достигна речиси 37 отсто, што е зголемување за цели 12 процентни поени во однос на минатата недела.

Забележано е и дека бројот на извршени брзи тестови се зголемил за една петтина од претходната недела, на 100.000.

Но, болниците во Словенија известуваат за релативно добра состојба, бидејќи вкупниот број на заболени утринава е намален за 21 на 553, што е помалку од половина во однос на врвот на четвртиот бран.

Истовремено, Грција регистрира 40.560 нови случаи на коронавирус. Здравствените власти потврдија и 76 нови смртни случаи од Ковид-19.

Грција воведе нови ограничувања оваа недела и нареди кафулињата, рестораните и ноќните клубови да се затвораат на полноќ, да не се услужуваат гостите на стоење и да не се пушта музика.

Исклучок е новогодишната ноќ кога работното време може да биде до 2 часот по полноќ.

Поврзани новости