Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 59-годишен жител на Челопек, кој вчера лиши од живот две лица, а се обидел да убие уште четири лица од истото семејство.
Причина за двојното убиство во Челопек била за пат што го користеле заеднички. Осомничениот ги сретнал сега убиените, кога излегле во дворот и започнал расправија за пат, кој го користеле заеднички и за кој и претходно имале несогласувања.
По расправијата, осомничениот извадил пиштол кој го поседувал без дозвола и започнал да пука кон оштетените. Едниот од нив возвратил со истрели од огнено оружје за кое имал дозвола, но осомничениот ги лишил од живот двајцата оштетени – татко и син.
Потоа продолжил да пука и кон останатите четири лица нивни роднини, нанесувајќи му огнострелни повреди на еден од нив. Кога на местото пристигнале припадници на СВР Тетово осомничениот давал отпор и не сакал да се предаде, но бил совладан и лишен од слобода.
Истрагата за него е поведена за кривично дело – Убиство според член 123 став 3, а ќе одговара и за обид за убиство, како и за недозволено држење оружје. По предлог на јавен обвинител, судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово определи мерка притвор во траење од 30 дена за осомничениот.