Расправата за судбината на СЈО почна со пауза, поднесени 40 амандмани

by fokus

Артан Груби, претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, денеска ја отвори седницата на која ќе се расправа по Предлог-законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство. Тој соопшти дека се поднесени повеќе од 40 амандмани на Предлог-законот, од кои околу 20 од ВМРО-ДПМНЕ, 16 од СДСМ и коалицијата, 10 од ДУИ и три од пратеничката Сурија Рашити.

Веднаш по отворањето на седницата, Груби даде пауза за членовите на Комисијата да можат да ги разгледаат амандманите. Најави дека расправата во Комисијата за европски прашања за Предлог-законот за јавно обвинителство може да трае најмногу два работни дена.

Собранието во вторникот одлучи Предлог законот за јавно обвинителство да се носи по скратена постапка. Истиот ден Груби ја закажа седницата на Комисијата за европски прашања за денеска. Министерката за правда Рената Дескоска најави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство, тогаш во опција се други решенија, а едно од нив, како што рече, се измени во Законот за советот на јавни обвинители кој се носи со 61 глас.

Во моментов, владата нема двотретинско мнозинство, па затоа се инсистира на договор со опозицијата. Во спротивно, од „Илинденска“ порачаа дека имаат план „Б“. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека во таков случај, новиот закон ќе важи само додека се смени власта.

Поврзани новости