Расправата за Кацарска заврши, ќе се гласа на продолжението на седницата

by fokus

Собранието во рамки на 20. седница попладнево откако во салата се собраа доволен број пратеници за кворум, донесе неколку закони. На седницата присуствуваа опозициски пратеници, кои дел од законите поддржаа, а за дел беа воздржани. Имајќи предвид дека за предлогот Добрила Кацарска да биде нов уставен судија е потребно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, гласањето за оваа точка беше оставено за некое следно продолжение.

Пратениците денеска го завршија претресот за предлогот Кацарска да биде избрана за судија во Уставниот суд. Претседателот на Собранието Талат Џафери потсети дека уставниот судија се избира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и информира дека бидејќи нема услови за одлучување по однос на оваа точка, ќе се гласа во моментот кога ќе се создадат услови за гласање.

Претходно, во салата немаше доволен број пратеници ниту за гласање за другите точки на дневниот ред, така што Џафери во договор со координаторите на пратеничките групи ја прекина седницата и побара во 15 часот да има кворум за нејзино продолжување.

Инаку, пратениците денеска трет ден расправаа за предлогот за избор на Кацарска за судија во Уставниот суд. И денеска опозицијата со оценка дека Кацарска не е соодветен предлог за уставен судија и затоа бараат предлогот да биде повлечен, додека пратениците од владеачкото мнозинство, во одбрана на предлогот за нејзиниот избор, потсетуваа дека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ судството било донесено до најниско можно ниво.

Јанушев, напомена дека Киро Здравев е избран за Апелацискиот суд во Штип во време на СДСМ, а за судија во Врховен суд кога на власт пак е СДСМ.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски смета дека Кацарска е најлошиот кандидат што може да се предложи. Тој побара слобода за, како што рече, чесните патриоти кои невини се осудени на 300 години казна.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник смета дека предлогот за Добрила Кацарска да биде уставен судија претставува награда за неа затоа што таа помогнала да се промени уставното име на Република Македонија.

– Ако може убиецот на Ангел од Ѓорче Петров да му се скрати казната и да биде пуштен на слобода, веднаш да го направите тоа со Врховниот суд и да бидат ослободени чесните патриоти. Знаете дека немате кворум, јас ќе ви помогнам, ослободите ги луѓето и јас ќе гласам против себе зашто ова не е ништо друго освен сува политика, рече тој.

Пратеничката Рашела Мизрахи рече дека има сведочење од обвинител оти Кацарска влијаела на судски постапки, што е спротивно на законот и што е основ за разрешување, а не за наградување. Според неа, Кацсрака е судија за која народниот правобранител утврдил прекршување на законите и за која Комисијата за заштита од дискриминација во два наврати постапувала за незаконитост и за прекршување на основните човекови права.

Поврзани новости