Распитот на генералниот секретар, Мухамед Зеќири кој попладнево поднесе оставка заврши и се очекува судијата на претходна постапка наскоро да донесе одлука дали ќе го прифати предлогот на јавното обвинителство и Зекири ќе оди во притвор или ќе му одреди алтернативни мерки за обезбедубање.
Распитот траеше многу кратко, со оглед на тоа што Зеќири сам се појави во Кривичниот суд околу 17 часот, а обвинителката Катарина Коларевиќ стигна во судот неколку часа подоцна, односно нешто пред 21 часот.
Распитот заврши за кратко, а Коларевиќ рече дека остануваат на барањето за притвор за Зеќири. Во меѓувреме во судот се појави неговата сопруга Бисера која му го донела пасошот како и храна.
Од Обвинителството за „Фокус“ брифираат дека судијата им кажал обвинителот да дојде подоцна бидејќи тој имал друг притворски предмет. -Ние сме странка во постапката, се раководиме според судиите, велат од Обвинителството за „Фокус“, но сепак за нив е чудно зошто овој предмет немал приоритет иако барањето било доставено до суд уште вчера.
Обвинителството денеска информираше дека е отворена истрага против генералниот секретар на Владата, Зеќири и двајца хрватски државјани, за наводна проневера на 145.000 евра.
Поточно истрагата е отворена поради сомнеж за незаконски договор за консултантски услуги.