Советот на јавни обвинители распиша оглас за избор на шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, односно за позицијата која до неодамна ја имаше обвинителката Вилма Русковска.
На конкурсот можат да се пријават обвинители кои имаат непрекинат стаж од најмалку шест години како јавен обвинител и да билe оценети со позитивна оценка во изминатите три години. За прв пат шефот на Организиран ќе се бира на избори, односно ќе гласаат обвинителите од сите обвинителства. Изборот ќе се изврши на 31 октомври.
На седницата закажана за следниот вторник пак ќе се изврши избор на четворица обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Пред речиси еден месец републичкиот јавен обвинител, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава од Арафат Муареми за претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција.
В.В.