Наводите дека преку САНОС се испумпувале државни пари се целосна невистина. Одговорно тврдам дека од 2004 година, откако сум сопственик на фабриката, не сум примил ниту еден денар државна помош или субвенции, истакна сопственикот на САНОС Славе Распашковски на денешната прес-конференција на која реагираше на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека добивал субвенции од владата.
Тој посочи дека на 21 јули годинава петте високотуристички автобуси за Казахстан, произведени во САНОС, ја напуштиле земјава преку граничниот премин Деве Баир и веќе пристигнале на својата дестинација. Тоа, како што нагласи, го потврдила и Царинската управа во вчерашното соопштение со кое потврдила дека на 20 јули годинава завршиле сите царински процедури за петте автобуси произведени во САНОС за Казахстан во вредност од 777.975 евра.
– Автобусите се целосно нови и произведени во фабриката на САНОС со македонски кадар, како и сите други автобуси што сме ги произвеле и продале во изминатиот период – рече Распашковски.
– Бројот на вработени во САНОС од 2004 до 2009 година варираше од 400 до 180, а потоа имаше период во кој не работеше поради некои недоразбирања со власта. Потоа повторно почна производството и во 2012, пред официјалното објавување дека во земјава ќе влезе Ванхол, работеа 100 лица. По доаѓањето на Ванхол останавме без голем број вработени- појасни Распашковски.
Тој додава дека во фабриката во моментот работат 20-тина лица, но како ќе се зголемува дотурот на материјали неопходни за производството ќе расте и бројот на вработени.