Распад на системот

by Фокус

Зошто не го завршивте автопатот Кичево – Охрид? До каде сте со автопатот кон Блаце? Како казнените пенали, кои се класичен криминал во случајот со надзорот на Коридор 8, ќе имаат мултипликативен ефект? На кого ќе се исплатат тие казнени пенали?

Пишува: Гордана ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА

Празници. Доаѓаат, им се радуваме, но секоја година со помалку оптимизам во себе. Она детско чувство дека утре ќе биде подобро, сè повеќе избледува, а негативните мисли и лошото расположение се поприсутни од година во година. А како и не би било, кога секој ден е помачен и потежок од претходниот за граѓаните.

Од овој празник само може да се сеќаваме на енормно високите цени на дел од прехранбените производи, на трчаниците на луѓето да најдат краставица по цена што владата ја замрзна, ама краставица по таа цена немаше.

Или, пак, јајцата, кои, иако имаа замрзнати цени, никаде ги немаше за таа цена. За лебот да не зборуваме, полупразни рафтови, леб со помала грамажа од пропишаната. Голем дел од населението остана со полупразни трпези, солзи во очите и одлука во првата пригода да си заминат далеку одовде.

Каде? Никој веќе не избира.

ДАЛИ ВРЕДИ ЧОВЕК ПОВЕЌЕ ДА СЕ БОРИ?

И сега си го поставувам прашањето на самата себе – дали вреди човек повеќе да се бори? Како одговорен политичар, без никаков багаж врз себе, секогаш зборувам во интерес на граѓаните, и пред сè како човек стручен за дел од микроекономската проблематика.

Човек кој своето искуство го градел во приватниот сектор, онаму каде што работите ги гледате реално. И токму од таа позиција зборував дека замрзнувањето на цените без поддршка од владата кон компаниите нема да има никаков ефект. Граѓаните го видоа тоа.

Мојата борба да променам нешто беше залудна, зашто за да ве разберат, треба и другата страна (Владата) да знае што зборувате. Едните не ве разбираат, а другите… е тие незнајковци само од злоба сакаат да напакостат.

Кому? Мене? Не. Тој што знае што кажува, го чека денот кога сè ќе излезе на површина, како и во случајов. Но, затоа злобата ја чувствува народот, оној за кој се чукаат во градите дека им е важен.

А како ќе знае владата што зборувам јас?

Државниот завод за ревизија постојано вади конечни ревизорски извештаи за различни институции, нотирајќи дали работат согласно законот. Ако добро ја владеете материјата, ќе сфатите дека ние сме распаднат систем.

Систем во кој не се познаваат основните работи, и токму затоа не ме разбираат. Да прочитате дека не се разликува материјалното од нематеријалното средство е страшно. Се учи во прва година на факултет и во средно. Да прочитате дека побарувањата никаде не се евидентирани е казниво со затвор. Само во Македонија поминува сето тоа.

Да избришете побарувања во износ од 15 милиони евра, притоа не постари од 3 години, треба да биде казна затвор за генералниот директор, финансовиот директор, членовите на надзорниот одбор, затоа што тие си играат со парите на граѓаните.

Во ревизорски извештај прочитав и дека од 4 планирани ревизии не е направена ниту една во годината. Исто така, има нотирана забелешка дека општина не издава решенија за данок на имот. Или забелешка дека нема направено годишен попис на средства и обврски, што е основна законска обврска и грижа кон средствата на институцијата или контрола дека никој не ги краде.

Зошто? Дали сите овие функционери во чии извештаи се нотирани вакви работи, знаеле што значи да се биде носител на функција? Или само платите и функциите се важни?

Ако истите тие лица работат домаќински и во интерес на граѓаните, верувам дека никој, ама баш никој, нема да дигне глас зошто се покачуваат платите. Реакциите се само исклучиво на тоа што несоодветни кадри менаџираат со несоодветни институции.

САМО ПРАЗНИ ТЕОРИИ ГОСПОДО ОД ВЛАСТА

Покрај ревизорските извештаи, секој ден ќе чуеме по некоја теорија извадена од најдобрата економска книга, па читаме за Кејнз, за планот на Јункер, за план за забрзан економски раст и што уште не. Е па господа од власта, кога ги знаевте сите овие теории, кој ве попречи да ги спроведете и пред неколку години, па да имаме раст, како што велите, поголем од овој денес?

Само празни теории господа од власта, останавте да не знаете ништо подалеку од книгите.

Велите „Постојат емпириски докази дека инвестициите во инфраструктурата го стимулираат растот на бруто домашниот производ, повеќе во однос на други фискални расходи“.

Ако е така зошто не го завршивте автопатот Кичево – Охрид? До каде сте со автопатот кон Блаце? Како казнените пенали, кои се класичен криминал во случајот со надзорот на Коридор 8, ќе имаат мултипликативен ефект?

На кого ќе се исплатат тие казнени пенали и дали за да работи мултипликаторот, некој треба да гради и да добие плата за завршената работа? Дали вие разбирате како функционира мултипликаторот?

И за крај, на што го темелите забрзаниот раст? Што ви значи планот за мобилизирање на двапати повеќе инвестиции во јавниот сектор? Дали тоа се оние инвестиции што Министерството за финансии ги евидентира како докапитализација на одредени државни претпријатија, а тие, пак, парите ги трошат за тековни расходи?

За ваквото лажирање на финансиски извештаи и лажно прикажување на капиталните расходи во буџетот, исто така има одговорност. Секако, во сериозни системи, а не во распаднати како нашиот.

(Авторката е потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ)

Поврзани новости