Раскрвавени глави при тепачка меѓу деца со попреченост, штитеници во Завод за рехабилитација оставени без надзор

by fokus

Инцидент во Заводот за рехабилитација на деца и младинци во Топанско поле го вклучи алармот на Народниот правобранител, откако во тепачка две од нив останале со раскрвавени глави. Тим на народниот правобранител изврши вонреден надзор во Установата по добиена пријава за инцидент кој се случил на 22 месецов. При надзорот се утврдени катастрофални услови и целосна негрижа за штитениците кои се згрижени во оваа установа, велат од канцеларијата на Народниот правобранител.

Инцидентот се случил вечерта на 22-ри кога штитениците требало да се подготвуваат за спиење. На смена во Установата, каде во интернатско сместување се згрижени 28 деца, биле само еден инструктор и една негувателка. Според извештајот на народниот правобранител во еден момент ниту еден од нив не бил меѓу штитениците и тогаш се случил нападот. Едно од децата, кои биле на возраст помеѓу 11 и 14 години, почнало да ги напаѓа другите. Две од нападнатите завршиле со раскрвавени глави.

Негувателката се наоѓала во амбулантата каде ја подготвувала терапијата кога едно од децата се појавило пред неа облеано во крв.

-Извршивме увид во рапортната книга. Таму стои дека откако се појавило едно од повредените деца, негувателката не интервенирала веднаш, туку побрзала да ја заврши својата работа. Но во меѓувреме уште едно дете облеано со крв и во солзи се појавило пред неа. Значи две деца на кои, како што пишува, лицата не им се гледале од крв – вели заменик-народниот правобранител, Васка Бајрамовска-Мустафа.

Инструкторот и негувателката интервенирале додека штитеникот го напаѓал третото детенце.

-Бил видно агресивен, гребел по лицето трето девојче и го касал кога се појавиле во просторијата. Пред да го совладаат агресијата ја насочил кон нив, фрлал со предмети и столици – вели Бајрамовска-Мустафа.

Момчето било спречено и смирено, но инцидентот останал непријавен. Инструкторот не извршил ни внес на случајот во рапортната книга, затоа што, според неговата изјава, бил потресен од ситуацијата.

Од канцеларијата на Народниот правобранител прашуваат како може ваков случај да остане непријавен кај надлежните институции. За случајот тие дознале неколку дена подоцна, а вонредниот надзор го извршиле на 28-ми месецов кога утврдиле дека дечињата згрижени ова оваа Установа се оставени во целосна негрижа.

-Шест дена никој не дознал за тоа што се случило. Станува збор за деца со попреченост.  При надзорот констатиравме негрижа од страна на Установата кон децата. На овие деца им треба постојан надзор со оглед на нивната состојба, бидејќи се работи за деца со попреченост и без родителска грижа. Државата е должна да се грижи за нив и да ги заштити, да ги преземе сите мерки во нивен интерес. Се работи за агресивни деца кои се самоповредуваат и овој случај го покажува несериозниот однос на институциите кон нив – посочува Бајрамовска-Мустафа.

 

 

Не се само 28 деца во оваа Установа, туку во попладневните часови доаѓаат и надворешни корисници. Од канцелариајта на омбудсманот велат дека недозволиво е за нив да се грижат само еден инструктор и еден негувател.

-Кога тимот ги посети децата беа затекнати од ситуацијата. Носеле нечиста облека, била видлива голема нехигиенска запуштеност. Децата имале долги нокти што укажува до кој степен на негрижа се оставени. Заводот на овие деца им е замена за дом, ова не смее да се толерира – вели заменичката на народниот правобранител.

Таа додава дека овие деца се без родителка грижа, но на нив се уште не им е доделен старател, иако Заводот има обврска да го информира Центарот за социјални работи за тоа.

Скандализира и фактот што периодов установата е без директор и без социјален работник, и двајцата се на привремено отсуство. Кога тимот на народниот правобранител отишол да го изврши вонредниот надзор, бил примен од заменичката на директорот, откако неколку минути се врткале по ходниците, бидејќи таму немало никој.

-Вратите на установата биле ширум отворени, а ходникот бил празен. Се вртеле наоколу чекајќи некој да излезе. Откако некој се појавил им покажал каде се наоѓа заменичката на директорот, но не ги ни прашал кои се и зошто се дојдени, што укажува дека таму нема никаква контрола кога може некој да влезе и да излезе. Никој не се грижи дали некој ќе избега – нагласува Бајрамовска-Мустафа.

И самите вработените се пожалиле дека не можат сами да водат сметка за децата. Инструкторот, кој бил вечерта на смена, подоцна напишал во својот извештај дека меѓу децата има и други агресивни и дека е потребно барем по двајца инструктори да бидат на смена, бидејќи не можел се сам.

Од канцеларијата на Народниот правобранител бараат Министерството за труд и социјална политика да преземе мерки во врска со овој проблем. Од таму велат дека е евидентно проретчувањето на луѓе во овие установи. Според распоредот на Заводот, до 13.30 часот во него се присутни околу 8 дефектолози, втората смена ја покриваат еден инструктор и еден негувател, а по 20.00 часот децата се оставени на еден негувател и обезбедување надвор од објектот.

-Во Конвенцијата за права на децата со попреченост стои дека овие деца ги уживаат сите права и ние мораме да ги заштитиме од насилство. Државата е должна да го стори тоа, особено кога немаат родители. Со еден негувател и еден инструтор, претпоставуваме дека ова ќе биде прв од низата вакви случаи кои можеме да ги очекуваме – додава Бајрамовска-Мустафа и вели дека тим на Народниот правобранител ќе продолжи да врши надзори во овие установи за да се утврди на што се должи недостатокот на луѓе кои треба да се грижат за овие деца.

 

М.В.

Поврзани новости