Раскинат е договорот за изградба на фабрика за електрични автомобили во Тетово

by Fokus

Нема да се произведуваат електрични автомобил во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово.

Од дирекцијата на ТИРЗ соопштија дека се запира извршувањето на договорот со кој требаше на овој простор да се изгради фабрика за производство на автомобили според германска лиценца.

„Дирекцијата на ТИРЗ како застапник на Владата во договорот за доделување државна помош со компанијата ‘е.Го‘ информира дека се запира извршувањето на договорот и на секоја постапка предвидена за доделување јавни средства. Запирањето на доделувањето државна помош следи по добиени јавно достапни информации за поднесено барање за несолвентност на компанијата ‘мајка‘ во Германија. Барањето е поднесено пред надлежните судови во оваа земја. Со ова, Дирекцијата за ТИРЗ ги активира заштитните механизми од потпишаниот договор кои ги предвидуваат и овие околности (стечај, ликвидација), како предуслов за запирање на доделување државна помош. Имајќи го предвид интересот на граѓаните, информираме дека и покрај доставените барања од страна на инвеститорот, досега не се доделени никакви средства на компанијата“, се вели во соопштението испратено од ТИРЗ Тетово..

Во август 2022 година, тогашниот вицепремиер Артан Груби, заедно со лидерот на ДУИ – Али Ахмети поставија камен-темелник за нова фабрика „Некст е.Го мобиле“, во која требаше да се произведуваат електрични автомобили.

Тогаш беше најавено дека фабриката ќе вработи 900 луѓе, а инвестицијата ќе биде вредна 130 милиони евра, при што беше најавена и државна помош.

Инвеститор на фабриката беше Љазим Дестани, сопственик на фирмата „Еколог“, а таа требаше да се гради во ТИРЗ Тетово и годишно да произведува 30.000 електрични автомобили.

Поврзани новости