Еднострано е раскинат договорот со кетеринг-компанијата што ги снабдуваше со оброци вработените во Армијата, изјави денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски, и додаде оти договорот бил полн со недостатоци.
Преку 60 припадници на Армијата, како што рече, се затруле поради небезбедна храна што им се служела во кантините.
„Знам дека во секој договор може да има пропуст, но стигнаа многу записници во коишто е потврдена целата постапка, дека треба да се раскине договорот. Во овој случај максимално транспарентно побарав мислење и од правниот сектор во Министерството за одбрана, но и дополнително од адвокат, за да ги видиме сите наоди. Најдени се записници и од здравствените власти, за некои видови на бактерии на работни површини на компанијата, што при првата опомена компанијата не ги отстранила, па мораше да се раскине договорот“, изјави Мисајловски на денешната прес-конференција по повод 100 дена од новата влада.
За на раскинувањето на договорот да не се гледа како на политичка одлука, министерот рече дека била формирана специјална Комисија во состав на вработени во Одбрана и во Генералштабот.
Комисијата подоцна ги констатирала недостатоците во договорот и препорачала негово раскинување.
„Согласно Колективниот договор на секој припадник во Армијата и Министерството му следува надомест за хранарина. Бидејќи договорот е раскинат, на секој припадник ќе му биде исплатен надомест за хранарина. Во делот на Армијата каде што мора да има оброци тоа веќе го регулиравме и ќе се готви во Армијата, како што беше и пред неколку месеци“, рече Мисајловски.
Првите пријави за труење од храна во Армијата беа објавени на 12 септември.
Тогаш беше пријавено дека 20 питомци и двајца офицери од Центарот за обука на питомци од Воената академија, како и уште четири лица од Воено-медицинскиот центар во касарната „Боро Менков“ во Куманово се пожалиле на мачнини проследени со повраќање, по што биле пренесени на скопските клиники.