Рашковски тврди дека македонското небо е небезбедно, М-НАВ смирува

by lali

Туристичките агенции кои продаваат авионски билети веќе предупредуваат дека македонски патници почнаа да купуваат билети за летови од Приштина, Ниш, Белград. Сите овие случувања околу тендерот на М-НАВ за радарската опрема и бројните информации за неколку проблематични ситуации за време на летањето на некои авиони, едноставно ги загрижи патниците во однос на нивната безбедност. Конечно, самиот генерален секретар на Владата Драги Рашковски вели дека е доведена во прашање и безбедноста на македонското небо, пишува МКД.мк.

-Против Климент Чепујновски (поранешниот технички директор на М-НАВ, државна компанија  за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија – н.з.) веќе има постапка затоа што со своите постапки ги доведе во животно загрозувачка состојба животите на стотици лица. Во интерес на истрагата деталите може да ги соопшти само обвинителство… Како преку Климент Чепујновски се сакаше да се предизвика инцидент и загрозивање на човечките животи на небото? Во наредните неколку денови ќе бидат објавени низа документи…“.

Ова е изјава на Драги Рашковски, генералниот секретар на Владата, на 29 јуни на својот фејсбук-профил, а во врска со актуелната афера во однос на набавката на радарскиот систем за контрола на летање од италијанската компанија Леонардо. Од изјавата на Рашкоски, може да се заклучи дека одолговлекувањето на спроведувањето на тендерот за радарската опрема, кое било попречувано од тогашниот технички директор на М-НАВ Климент Чепујноски со непотпишување на договорите, се доведува во прашање безбедноста на летањето во македонското небо.

Рашковски обвинува дека снимките ги направил Чепујновски и дека тој ги предал на медиумите.

-Новиот директор на техника Климент Чепујновски свесен за состојбата со техниката, намерно не го потпишува договорот и праќа навредливи писма кон ЕБРД и прави други незаконски дејства за кои има докази до обвинителство“, напиша на својот фејсбук-профил високиот владин службеник Рашковски.

Наспроти ова, стојат двете соопштенија на М-НАВ објавени оваа недела во која се уверува јавнста дека безбедноста на летањето во македонското небо е на високо ниво. М-НАВ ги потврдува информациите за неколку инциденти над Македонија, но уверуваат дека сѐ поминало во најдобар ред, според пропишаните процедури и протоколи.

Дел од медиумите досега објавија две „бомби“ (аудио снимки) од разговори како Рашковски, како сосема ненадлежен владин претставник, договара детали од тендерот за АТМ опремата со претставници на италијанската компанија Леонардо. Тој вели дека оваа нова опрема е „неопходна за нормално функционирање на авионскиот соообраќај“. Наспроти ова стојат соопштенијата на М-НАВ во кои се вели дека и со постоечката застарена опрема безбедноста на македонското небо е на високо ниво и сѐ се одвива според високите европски стандарди. Се разбира, никој не ја негира потребата од унапредување на работата со нова радарска опрема.

Пред два дена беше објавена нова аудио-бомба од состанокот во кабинетот на владиниот генерален секретар Драги Рашковски. И овој пат, повторно се слуша разговор за тендерската постапка за набавка на радарска опрема од италијанската компанија Леонардо. И тука присутни на разговорот се Рашковски, Чепујновски и директорот и претседател на Управниот одбор на М-НАВ компанијата Николче Тасески.

Од аудио-снимката се слуша дека Рашковски, бил свесен дека во тој момент не смеел да разговара со претставниците на Леонардо и да се прави записник, бидејќи тоа е против правилата на Европската банка за обнова и развој, која е финансиер на проектот.

Поврзани новости