Рашковски со повеќе од 190 илјади евра бара да излезе на слобода

by fokus

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски кој е првостепено осуден на осум години затвор во случајот „Софтвери“ понудил гаранција од над 190 илјади евра за да излезе на слобода, односно од куќен притвор.

Кривичниот совет при Кривичниот суд му ја прифатил гаранцијата, но поради жалбата на Обвинителството сега ќе се чека конечна одлука од Апелациониот суд.

-Крвичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција постапувајќи по предлог за укинување на мерката – Куќен притвор за осудениот Д.Р, донесе решение со кое мерката куќен притвор се укинува со определена гаранција во вредност од 11.868.762 денари во недвижен имот, соопшти Кривичниот суд.

Од Кривичен објаснуваат дека сепак ова е неправосилно решение и предметот на одлука ќе биде доставен до Апелациониот суд.

-Станува збор за неправосилно решение за кое по добиена жалба на надлежниот обвинител и комплетирање на предметот во Законски утврдениот рок, ќе биде доставен на надлежно постапување во второстепениот суд, додаваат оттаму.

Рашковски е осуден на единечна затворска казна од осум години затвор за случајот „Софтвери“, односно на седум години за злоупотреба на службената положба и една година и шест месеци затвор за перење пари.

Со оглед на тоа што со измените на Кривичниот законик, ставот пет според кој Рашковски е осуден на седум години затвор, е избришан, Апелација најверојатно ќе ги земе предвид останатите ставови за злоупотреба на службената положба, според кои предвидена е затворска казна од најмногу пет години.

Пред неколку дена од куќен притвор излезе и поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири кој исто така беше обвинет, а судењето против него продолжува по одредба која предвидува поблага казна. И ове смени во судскиот процес против Зекири се резултат на измените на Кривичниот закон (КЗ) со кои се намалија казните за делото злоупотреба на службената положба.

Делото му е преквалификувано, а куќниот притвор укинат. Наместо ставот 5 кој беше избришан со измените на КЗ сега ќе одговара за став 4 од делото злоупотреба на службената положба кој предвидува казна затвор од најмногу пет години.

Поврзани новости