„Кога обвинител ќе промаши 99% во обвинителниот акт – тоа зборува за каков стручњак станува збор. Кога во сето тоа ќе внесе мали деца со цел да предизвика омраза – тоа кажува за каков (не)човек станува збор. Кога приватно сте лош човек или непрофесионален цената ја плаќате самите, но кога тоа ќе го правите во службата, тогаш подлежите на кривична одговорност и разрешување“ се вели во соопштението на Драги Рашковски, поранешниот генерален секретар во Владата против кој се води судскиот процес „Софтвери“.
Рашковски смета дека обвинителката Ивана Трајчева „2 години тврди дека на сметките на моите малолетни деца има огромна сума на незаконски средства. Милиони…. За на последното рочиште, сама, од немај каде, не дека и проработи свеста, да смени дека од моја страна на нивните сметки се внесени 475 евра!!! Да. 475 евра. За толку 2 години се труе јавноста“.
„Сега ќе треба да им погледне во очи на сите судии кои ги лажеше овие 2 години за да блокираат средства убедувајќи ги дека има докази дека станува збор за сериозен криминал. Судиите како да се претворија во неми послушници на барањата на обвинителите. Како за притвор, така за времени мерки, така и за претреси. Демек ова право на обвинителите `им е од бога дадено`, а тие се само исполнители на нивните желби.
Не само глупоста, туку и злобата нема граници“ се вели во соопштението.
Рашковски вели дека „просто е за неверување дека јавен обвинител кој работи во организиран криминал не знае што е картица од партија. Со ова ЈО Ивана Трајчева ја обвинува во позадина и НЛБ Банка дека издала фалсификат документ“.