Рашковски ја викна Русковска на соочување и најави кривична пријава

by fokus

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски кому му се суди во случајот „Софтвери“ побара соочување во судница со шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска во заминување и најави дека ќе и поднесе кривична пријава.

На денешното рочиште неговата одбрана до судот достави дополнување на предложената листа на докази, односно побараа од судот како сведок да биде повикана Русковска.

-Со нејзиното сведочење апсолутно од самиот почеток до самиот крај додека беше обвинител до вчера ќе докажеме како судскиот процес и целокупната постапка и не само судскиот процес туку и внатре во рамките на Обвинителството е местена целокупната истрага, целокупното поднесување на обвинителниот акт итн. Мислам дека е крајно коректно ако некој застане зад некој обвинителен акт и тврди дека е така, да се соочи во најмала рака со главниот обвинет во случајот – јас и да ги вкрстиме аргументите, рече Рашковски.

На новинарско прашање дали ова може да се протолкува како најава за кривична пријава против Русковска, Рашковски одговори: „Апсолутно“.

Инаку барањето на Рашковски доаѓа откако на Русковска и беше отворена дисциплинска постапка и по вчерашните резултати од изборите на нов Обвинител на обвинителството за гонење на органзииран криминал, на кои победи Ислам Абази. Русковска се кандидираше, но освои 14 гласа.

Денешното рочиште за судењето пртотив Рашковски, кој заедно со уште шест лица се терети за нелегалната набавка на софтвер се одложи за 29 ноември, поради болест на еден од обвинетите.

Судот информира дека пред почетокот на денешното рочиште, бранителот на обвинетиот Даниел Станчев, доставил лекарска потврда од 7 ноември, упат за Клиника за инфективни болести, со забелешка дека кај пациентот е дадена инфузиона и таблетарна терапија и за што е отворено боледување.

На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје требаше да бидат сослушани повеќе сведоци предложени од Обвинителството, меѓу кои и претставник на државното правобранителство.

Судскиот процес се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.

Поврзани новости