Расфрлени мртовечки ковчези се појавија кај гробиштата и депонијата во Гостивар

by Фокус

На социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа на кои се гледаат мртовечки сандаци фрлени покрај градските гробишта во Гостивар, а потоа и на депонијата Русино. Во некои од нив имало и метални сандаци кои се користат за погребување на лица кои починале поради компликации на ковид 19, или, пак, поради авионски превоз на починато лице.

Од гостиварското комунално претпријатие велат дека тие не се надлежни за погребалните услуги и дека се занимаваат само со обезбедување на местото на гробиштата и нивно одржување.

Од гостиварското муфтивство, пак, ја исклучуваат можноста ковчезите да се на лицата починати од Ковид-19, бидејќи, како што велат, тие се погребуваат според посебните протоколи.

Од Секторот за внатрешни работи Тетово велат дека по пријавувањето, испратиле екипи на терен, но не биле пронајдени ковчези на местото каде што првично било пријавено – на градските гробишта.

Дел од медиумите објавија дека постојат сомнежи оти овие ковчези припаѓаат на починатите кои биле донесени од странство за да бидат погребани во Македонија, но тие не биле заразени со Ковид-19 па биле закопани според верски обреди.

Поврзани новости