Дури и да се разрешат политичките слуги во тоги, тоа нѐ доведува до следното прашање: Кој ќе ги наследи? Законот вели дека мора да имаат академија за судии и јавни обвинители. Одлично, видете ги последните листи на примени, неколку презимиња ќе препознаете. Извршната власт СЕКОГАШ има опции за правење притисок доколку сака, а која досега па не сакала
Пишува Јанаки МИТРОВСКИ
Десетина судии разрешени, постапки против обвинители, темелно прочистување на судството и негово ослободување од политичките стеги, најави министерот за правдини, Бојан Маричиќ. Мижи Асан да ти бајам.
Одделно разрешување на судија или обвинител не значи баш ништо во Македонија. На нивно место ќе дојдат нови и сѐ до создавање политичка волја (ја нема) да се престане со притисоци кон судот, имињата се секундарни. Не е тајна дека во последниве три децении се разви силна пракса на менаџирање на судот од страна на политичките елити со јасна тенденција таа да продолжи. Четврта година мандат е на СДСМ, иако се однесуваат небаре е прва.
ДЕЛ ОД ВИНАТА ГО НОСИ СУДСТВОТО
Секако дека својот дел од вината го носи судството. Не е дека се преимуни на политички притисоци, и ретки се случаите кога судија, или не дај боже, обвинител говорел на овие теми. Но, примарната вина, нормално, е кај извршните власти, кај кои постојат механизми за притисок, и кои се активни, односно го вршат притисокот. Најавите на СДСМ, веќе не толку пресни, за прочистување на судството, никако да се реализираат.
Но, дури и да се разрешат политичките слуги во тоги, тоа нѐ доведува до следното прашање: Кој ќе ги наследи? Законот вели дека мора да имаат академија за судии и јавни обвинители. Одлично, видете ги последните листи на примени, неколку презимиња ќе препознаете. Извршната власт СЕКОГАШ има опции за правење притисок доколку сака, а која досега па не сакала.
Нашите извршни власти традиционално забегуваат во вториот мандат, односно четврта, петта година од владеењето. Така беше со СДСМ во деведесеттите, па ДПМНЕ, исто. Поучен од овие трауматични искуства, верувам дека традицијата ќе продолжи. Како ќе расте политичката моќ и време на власт со сите полуги што таа ги носи, реториката ќе се смени, притисокот ќе расте и нема да има веќе извинувања до небо. Тоа на своја кожа меѓу првите ќе го почувствува судската власт.
Деновиве има најава за интерпелација на правдољубивиот министер Маричиќ, која поради распоредот на силите во Собранието, нема да помине. Во исто време излегува рекла-кажала вест дека Момир Маричиќ, моментно виш јавен обвинител во Скопје, пред не знам колку години, на негово барање, двајца тогаш млади, а сега познати адвокати, му купиле тепих за 200 евра од продавница што тој ја посочил. За возврат на тоа, тој требало да им направи обвинителска услуга во скопското обвинителство, каде што тогаш бил обвинител.
МАРИЧИЌ СЕНИОР И ТЕПИХОТ
Разбирам дека приказнава во горниот пасус е суперлеплива за јавноста, но е лесно растурлива. Ако Маричиќ сениор им побарал МИТО (бидејки опишаното е дефиниција за мито), она што требало колегите да го направат е да го пријават во МВР и во Обвинителство. Она што не треба да се направи е да се купи тој тепих! И вака временски пласирана, по седум-осум години, намерите за дискредитација се повеќе од очигледни.
Тоа, пак, не значи дека го поддржувам министерот. Искрено сметам дека не треба да биде на таа позиција, на која би требало да биде судија, адвокат или обвинител. Само тој што практикувал право може да има сенс за реалните случувања во македонското правораздавање со сите свои специфики. Само некој од сродните фели може да знае дека тетовското обвинителство не може да функционира со тројца активни обвинители на јурисдикција врз 150.000 луѓе, а криминал колку сакаш.
Само човек од сродните фели разбира дека не може да има една дактилографка на пет обвинители, а да се бараат резултати. Никој не ги прашал судиите, поротниците и администрацијата во скопска „единица“ како истераа судења со масивни бројки инфицирани со корона. Милион пати сум ги критикувал и судството и обвинителството, и за тие две фели во јавноста има исклучително грди стереотипи. Но, нефер е да ја гледаме само едната страна од приказната, а втората ја игнорираме. Стои тоа дека и самите обвинители и судии се претивки, како да не се свесни за тежината, но и за моќта на позицијата што ја имаат.
Маричиќ помладиот нека тера каде што замислил, а наше е да ја опсервираме расформава, што на правосудството, што на државата.