Расчистен случајот со наводното киднапирање во Карбинци, МВР вели нема елементи на кривично дело

by Fokus

Случајот со наводното киднапирање во основното училиште „Страшо Пинџур“ во Општина Карбинци – Штипско е целосно расчистен, информираат денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР), додавајќи дека во случајот не се утврдени елементи на кривично дело.

“Веднаш по добивањето на пријавата полициски службеници излегоа на терен, преземени се низа оперативно-тактички мерки и дејствија во координација со јавен обвинител од Штипското обвинителство, извршени се разговори со лица кои биле сведоци на случајот во присуство на родители, но и со претставници на училиштето, а по преземени активности беше пронајден и 20-годишникот со кој беше извршен службен разговор во врска со случајот. Од сите реализирани дејствија и прибавени докази не се утврдени основи за постоење на кривично-правен настан“, информираат од МВР.

Од полицијата додаваат дека доказниот материјал ќе биде доставен до ОЈО Штип и Центарот за социјална работа за нивно понатамошно постапување.Н

Наводниот обид за киднапирање беше пријавен на 5 декември од страна на директорката на училиштето Наталија Костова, а потоа и потврден од градоначалникот на Карбинци, Виктор Паунов.

За локалната ТВ Стар тие тогаш изјавија дека „киднаперите“ дошле со црно возило до почетокот на училишниот двор и се обиделе насилно да внесат две деца во возилото, но дека децата се вратиле во школото, а возилото заминало.

МВР уште тогаш ги демантираше наводите во дел од медиумите за наводен спречен обид за грабнување во училиштето во Карбинци и соопшти дека машко лице со возило „голф“ поканило ученичка да влезе во неговиот автомобил за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила назад во училиштето.

Поврзани новости