Многу е важно да се открие дали автобусот се запалил пред или по судирот со заштитната ограда, изјави извршниот директор на Автомобилската управа на Бугарија, Бојко Рановски.
-Инспекторите ќе направат се што е потребно за да го утврдат целото движење на автобусот, местата каде што застанал, одмарале возачите, брзината со која се движел. Сето тоа ќе се утврди – рече Рановски за БНТ.
Тој најави дека ќе се спроведат „соодветни вештачења“ од страна на надлежните органи.
-Се надевам дека вистината ќе излезе на виделина. Многу е важно да се открие дали автобусот се запалил пред или по ударот во заштитната ограда, па ќе се соберат сите информации. Досега немало ваков инцидент – истакна Рановски.
Според него, камерите на управата се насекаде низ државата и, како што вели, може да се забележи движењето на автобусот.