Актерот Сашко Коцев, кој 17 години беше водител на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста” и стана еден вид на заштитен знак на забавното шоу, годинава не се појави на сцената на 26-то издание на настанот.
Наместо него, на сцената доминираа неговите колеги Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски.
Како што дознаваме, Коцев не бил дел од „Златна бубамара“, бидејќи имал премногу обврски околу актерската кариера, односно претстави во МНТ, како и турнеја во Словенија со филмот „Нешто слатко”.
Првиот човек на шоуто, Ранко Петровиќ за „Фокус” вели дека оваа година решиле да го ослободат Коцев, бидејќи бил преоптеретен.
– Оваа година не можеше да ја води манифестацијата поради премногу обврски, две претстави, плус и филмот. А за оваа работа треба подготовки и проби. Се договоривме да не го оптеретуваме со три проби на ден, што е премногу – ни изјави Петровиќ.
Лани пак, на јубилејното 25-то издание на настанот, Коцев пред публиката кажа дека тоа е последна „Бубамара” која ја води.
-Затоа, нема да пазам, можам да зборувам што сакам, кажа тој.
Набргу потоа откри дека само се шегува.
– Нит ми е последен пат, нит сум пазел, нит ќе пазам што зборувам – беа неговите зборови минатата година, пред многубројната публика.
Шоуто и оваа година успеа да собере на едно место голем број на наши уметници, спортисти, јавни личности. Од регионалните уметници, награди добија Мирослав Илиќ и Џибони.
Големиот интерес за „Бубамара” уште еднаш покажа дека народот е желен за манифестации од ваков вид, каде ќе се пошегуваме на своја сметка, но и ќе им оддадеме признание на оние кои целосно се вложиле во своите кариери, и оставиле позитивен белег во нашето секојдневие.
Вики Клинчарова