Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко не треба да поднесе оставка затоа што е ставен на црната листа на САД. Ако тоа го направи многу обвинители и судии потоа треба да дадат оставки, изјави политикологот Иво Ранѓеловиќ во емисијата „24 анализа“.
Тој смета дека црната листа на САД е политички инстумент, со кој треба да се предизвикаат одредени дејствија во земјата.
„Сметам дека Мерко не треба да поднесе оставка. Црната листа на САД не треба и не смее да биде формален учебник по кој ќе се поведе политичката пракса кај нас. Ако се повика и поднесе оставка во тоа име, сметам дека после тој чин многу обвинители и судии треба да си поднесат оставка, ако се докаже дека тој човек е правно виновен и процесуиран од институциите. Малку наивно би изгледало доколку даде оставака, само затоа што е ставен на црната листа. Таа листа има за цел да провоцира нешто во државата. и тоа е легитимно“, изјави Ранѓеловиќ.
Тој потсети дека на црната листа на САД беше и лидерот на ДУИ Али Ахмети, а потоа беше тргнат од неа и дека во тој период немаше никакви процеси за него во земјата. Поради тоа тој смета дека црната листа на САД е политички инструмент.
„Не гледам огромна тежина во црнста листа на САД. Нема да биде некоја додадена вредност на ова општество, дури и ако Мерко поднесе оставка, па и да биде понатаму процесуиран. Мерко нема таква политичка тежина, тој е локален политичар. Додека амбасадорката на САД ова го коментира во моментов се случуваат многу посомнителни коруптивни дејства од актуелни политичари. Тука мислам на договорот со Бехтел и Енка, потоа чувме дека некој ја купува Соравија и треба да заѕвони алармот во јавноста“, рече Ранѓеловиќ.