Пратеничката Даниела Рангелова демантира дека учествувала во инсталирањето на фантомски гласачи на Избирачкиот список.
-Ги повикувам ДИК и сите надлежни институции да извршат целосни проверки со што ќе се потврди дека немам никаква поврзаност со споменатиот случај на нерегуларности и наводни злоупотреби во Избирачкиот список на Република Македонија, напиша Рангелова.
Но, тоа не ја намалува одговорноста и хаосот со списокот, односно и натаму останува фактот дека на една адреса во тетовското село Брвеница, на која фигурира името на друга Даниела Рангелова, има 127 гласачи. Името на претседателката на Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ, Рангелова, само ни послужи, барајќи по електронскиот избирачки список, да откриеме дека има и друга жена со тоа име која е дел од „чудна“ адреса, прво бројката на куќата е нула, потоа има 127 гласачи и на крај, тие гласачи се водат на три избирачки места.