Германската индустриска метал група Рамштајн викендов е во Белград, Србија, а по вчерашниот концерт и вечерва ќе одржи уште еден. Голем број на фанови на бендот од Македонија присуствуваа на вчерашниот спектакл, за кој раскажуваат дека поминал со невидена пиротехника и бил грандиозен спектакл.
Инаку, Рамштајн се познат по своите пиротехнички ефекти, а во Белград пристигнале со 77 камиони со опрема, со бројни инженери за свук и светлина и технички дизајнери.
Српските медиуми пишуваат дека за концертот на германската група биле потребни околу 1.000 литри бензин и 60 килограми ликоподиум, за 600 различни пиротехнички ефекти вметнати во концертот.
Исто така, Рамштајн ги преполни и хотелските капацитети со посетители, па последните неколку дена се бараше сместување и надвор од Белград.
По синоќешниот спектакл, покрај воодушевувањето на публиката која коментира дека Рамштајн го ,,запалил” Ушќе, на социјалните мрежи има и коментари со критики, бидејќи шише вода на концертот се продавало по цена од 220 денари, а пиво по цена од 350 денари. Многумина објавија и фотографии од сметките кои ги добиле, жалејќи се на високите цени.
По настапите во Белград, бендот ќе одржи концерти во Шпанија, Франција, Холандија, Ирска и Белгија наредниот месец.
Вики Клинчарова
фото: Jens Koch Photography & Paul Harries Photographer