Државната изборна комисија на денешната седница ја запре постапката за избор на градоначалник на Општина Маврово Ростуше, откако минатата седмица кандидатот на СДСМ, Медат Куртовски ја повлече кандидатурата, бидејќи нема противкандидат.
Овој заклучок, Државната изборна комисија го носи поради тоа што досега по истекот на сите законски рокови, до Општинската изборна комисија Маврово Ростуше нема потврдени листи за избор на градоначалник за Општина Маврово Ростуше, по решението за распишување избори од 4 февруари оваа година.
– Поради тоа ние мораме да констатираме со заклучок дека ДИК од своја страна ја запира постапката за спроведување на сите изборни дејствија во Маврово Ростуше, согласно донесениот роковник, нагласи Борис Кондарко, член на Комисијата.
ДИК побара писмено да биде известен претседателот на Собранието, надлежен за распишување на избори.