Некогаш моќен бизнисмен и сопственик на првата и најгледана приватна телевизија, во времето на поранешната власт на Никола Груевски, доживеа да мора да одлежи седум години во затвор. Вo интервју за Фактор, Велија Рамковски тврди дека немал никаква вина, причината е чист политички реваншизам. Сега најавува нова А1, вели дека лично нема пари за тоа, но од сериозни луѓе добил сигнали дека би инвестирале во таков проект.
Убеден е дека Европа нема да крене раце од нашата држава, а тоа ќе значи и дека сите што влегле во криминал, нема да останат неказнети. За Никола Груевски има длабоко чувство дека ќе дојде денот кога ќе си ја плати својата цена. За премиерот Зоран Заев вели дека е историски чин тоа што го постигна за земјава на меѓународен план.
-Прво, дали имам пари за телевизија – не. Најави дека заинтересирани инвеститори има – да. Оттаму и тоа кажување дека е можно, бидејќи јас не велам дека е сигурно дека А1 ќе се отвори, туку велам дека е можно да се договориме да се изведе телевизијата. Инаку, не се согласувам дека телевизијата е играчка, таа е сериозна работа. Ако некој знае за телевизија, јас знам. Можам да се вложам себеси со своето знаење за да ја изградам А1, но не таква, бидејќи никогаш не може да биде таква, но во секој случај најсилна телевизија, со можностите плус што сега ги даваат социјалните мрежи. Сега има поголеми можности А1 да биде подобра од што беше, вели Рамковски.