Популарниот музичар Рамбо Амадеус (59) доаѓа во Скопје, каде ќе одржи концерт во придружба на ЗЏМ БИГ БЕНД. Настанот ќе се случува на осми декември со почеток од 20.30 часот во Филхармонија, Скопје, а влезниците веќе се пуштени во продажба, по цена од 1.000 денари.
-Рамбо Амадеус е артист кој доаѓа од Црна Гора и делува како музичар и поет, гитарист, па и еко-активист. Неговите текстови и медиумски излагања се цитираат со години и децении откако се искажани. Неговите песни комбинираат уникатни сатирични текстови кои честопати ги критикуваат општествените појави кои нѐ засегаат сите, а неговите концерти речиси никогаш не значат дека ќе чуете едноставни повторувања на снимените песни. Напротив, секое слушање е ново доживување и умешна импровизација која зборува за човековата природа- објави организаторот.
Вистинското име на Рамбо Амадеус е Антоније Пушиќ. Роден е во Котор, и во младоста бил првак во едрење, а ја претставувал Југославија и на повеќе меѓународни натпревари во едрење.Во средно училиште започнал да се занимава со музика и започнал со настапи со локални бендови.
Првиот музички албум го сними во 1988 година, а познат е и по своите интересни и духовити изјави поврзани со денешницата и начинот на живеење. Зад себе има десетици албуми и голем број на хитови.