Аукус-пактот меѓу САД, Британија и Австралија за изградба на подмормоци на нуклеарен погон во Индопацификот, кој ја исфрли од игра Франција, нема да предизвика посериозни потреси во НАТО, чија најнова членка е Македонија, сметаат експертите.
Инаку, Франција ги повлече своите амбасадори во САД и Австралија, откако американскиот претседател Џозеф Бајден минатата недела објави нов сојуз за стратешко партнерство со Велика Британија и Австралија, што ќе и испорача најмалку 8 подморници на австралиската флота.
Со овој договор, всушност е раскинат договорот вреден 56 милијарди евра за купување на 12 конвенционални дизел и електрични подморници од „Навал Груп“, која е во мнозинско државно сопствеништво на Франција.
Исмет Рамадани, претседател на Евроатланскиот совет, за Фокус коментира дека доколку подморниците испорачани од пактот САД-Британија-Австралија се поквалитетни, тогаш тоа, според него, ги надминува билатералните и материјални интереси на Франција.
–Франција ако имала договор со Австралија за подморниците на висока технологија, има право, но само дотука. Исто така, и Австралија има право да ја подобри својата одбрана и да ја направи поконкурентна. Во таква ситуација, САД и Британија се одговорни кога се работи за парирање на Кина, која е во подем – вели Рамадани.
Тој додава дека Франција има историја на нестабилно однесување во рамки на НАТО, меѓутоа, како што нагласува, не треба да се верува дека овој спор ќе влијае врз односите во рамки на Алијансата, каде овие држави се партнери.
–Историски, имало ситуации кога Франција знаела воено да се повлече, иако останала активна во политичкиот дел. Сепак, во одредени моменти воено покажувала резерви, за по одредено време да се врати. Сега не верувам дека ќе се случи тоа, туку ќе профункционира дипломатијата и Париз ќе биде соодветно компензиран – посочува Рамадани.
Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека повлекувањето од договорот со Франција од 2016 тежок 56 милијарди евра е во национален интерес на неговата земја.
Во меѓувреме, Франција го отповика амбасадорот во САД, меѓутоа стигнаа најави дека францускиот претседател Емануел Макрон деновиве ќе разговара со Бајден за надминување на дипломатската криза.
Британскиот премиер Борис Џонсон, пак, порача дека односите со Франција остануваа силни и пријателски, додека француските и австралиските власти порачаа дека огорченоста на Париз нема да ги наруши преговорите за договорот за слободна трговија меѓу Австралија и ЕУ.
В.С.