Претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Албанија Еди Рама и вицепремиерот на Македонија Никола Димитров денеска потпишаа заедничка изјава „Иднината на проширувањето – поглед од регионот“ во рамките на Иницијативата за соработка на Отворен Балкан.
Во заедничката изјава се наведува дека Европската унија и нејзините земји-членки, заедно со партнерите од регионот, на Самитот на Брдо на 6 октомври ја потврдија својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан, а Западниот Балкан ја повтори својата и посветеноста на регионот на европските вредности.
„Сепак, сомнителниот капацитет на Европската унија да интегрира нови членки, внатрешните дебати меѓу земјите-членки на ЕУ и билатералните односи го попречија реалниот напредок на регионот кон ЕУ. На хартија, политиката за проширување останува активна. Во пракса, сепак, постои растечко разочарување кај граѓаните од регионот во однос на перспективата на ЕУ“, стои во изјавата.
Дополнително, се додава во изјавата, доцнењето на ЕУ перспективата го чинеше регионот премногу во политичка смисла, а Македонија е одличен пример за неисполнети ветувања на ЕУ.
„Нејзината влада се обиде да ги исполни условите на Брисел, само за да се најде изолирана и оставена да се носи со последиците од одлуките на ЕУ. Оваа ослабена перспектива на европската интеграција се заканува да не остави дезинтегрирани повеќе од кога било. Чувството е заедничко во целиот регион“, стои во изјавата.