Премиерот на Албанија Еди Рама, по пристигнувањето на Самитот на ЕУ, повтори дека е срамота што една земја на НАТО, Бугарија, „киднапирала“ уште две членки, пренесуваат медиумите во регионот.
Тој истакнал, дека Бугарија ги блокирала Северна Македонија и Албанија, на нивниот европски пат, во време кога во европската заднина беснее жешка војна, а 26 земји мирно седат и ја покажуваат својата беспомошност.
Рама им рекол на новинарите дека ова е нов ден во Европа, но не и во Бугарија. Тој изјавил дека Албанија знае дека секогаш има некоја Бугарија на европскиот пат, но дека нема да го промени својот курс, дека ќе продолжи да ја гради Европа во својот дом.
„Отворен Балкан“ е реален одговор на ситуацијата во која го продолжуваме патот на интеграцијата бидејќи немаме алтернатива, додал тој.
На прашањето дали Косово треба да се приклучи на „Отворениот Балкан“, Рама одговорил дека иницијативата е отворена за сите. Според него, Албанија го прави своето, ги спроведува реформите и ќе продолжи не само затоа што тоа го бара Брисел, туку и затоа што тоа го бараат идните генерации.
На прашањето дали го поддржува кандидатскиот статус за Украина, Рама потсетил дека Северна Македонија е кандидат веќе 17 години, Албанија осум години и дека Украинците не треба да имаат многу илузии.