Премиерот на Албанија, Еди Рама го потврди постоењето на карта во врска со промената на границите на земјите од регионот на Западен Балкан. Поканет во емисијата „ИЗБОРИ 2021 на V +“, Рама рече дека мапата ја видел и претходно пред да биде поврзана со предлогот на словенечкиот колега Јанез Јанша.
-Разговарав со него многу одамна. Го видов и овој документ што излезе. Немам коментар , рече Рама.
Во четвртокот, словенечкиот портал „Нецензурирано.си“ објави документ според кој, се предлага редефинирање на границата на Косово и Србија, обединување на Косово со Албанија, обединување на делови од Црна Гора и Северна Македонија со албанско мнозинство со Албанија, можност за отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина и обединување на делови од западна Босна со Хрватска.
Европската унија веќе неколку пати рече дека не знае за таков документ. Словенечкиот премиер Јанез Јанша, чија земја ќе претседава со Европската унија во втората половина на оваа година, напиша дека тврдењата за таков документ се дејствија насочени кон „штета на Словенија во ЕУ“.
-Словенија сериозно бара решенија за развој на регионот и европската иднина за земјите од Западен Балкан и токму таквите пишувања се обидуваат да ја спречат оваа цел, напиша тој на социјалните мрежи.
Во меѓувреме, албанскиот премиер тврди дека картата постои.